речник контакт

Не паѓајте во шопинг-замки: 10 правила за штедење при купување

Дури 40 отсто работи кои луѓето ги купуваат во супермаркетите не им требаат ниту имале намера да ги купат, покажа британско истражување.

Петар Печков

Дури 40 отсто работи кои луѓето ги купуваат во супермаркетите не им требаат ниту имале намера да ги купат, покажа британско истражување. Трговците во ракав имаат многу трикови да остане така. Еден од нив е ставање на кошници на слабо видливи места. Во интерес им е да се послужите со количка која многу полесно се полни со намирници кои воопшто не сте сакале да ги купите.

Редовите меѓу полиците се широки бидејќи истражувањата покажале дека жените често се откажуваат од купување ако некој во продавница со корпата случајно ги допре по задникот, а досадната музика која се пушта во продавниците не служи да ве расположи, туку поттикнува ставање на намирници во количката.

Дури ни бесплатните примери на разни производи всушност не се бесплатни – ќе земете, ќе почувствувате дека сте должни нешто да направите за возврат, т.е. да го купите производот од презентацијата. Честото преместување на намирниците од полиците исто така не е случајно, ниту служи за подобро организирање на продавницата. Токму напротив, наменето е да ги збуни купувачите. Ако не успеат веднаш да го најдат омилениот производ, нема да земат само еден туку неколку други додека неуспешно се обидуваат да се снајдат во новиот распоред. Дури ни непријатните гужви на касите не се случајни. Парелелните редови пред касите често се претесни, така се создава гужва, а во близина стратешки се сместени полици и кошници сдо многу чоколади, цвеќе и други згодни, но непотребни работи.

Тоа е затоа што гужвите околу касите ги прави луѓето нервозни, а веќе се исцрпени од талкање во продавницата, па посегнуваат по некоја дребулија, за малку да го подобрат расположението.

Секако, тука неизбежно се наоѓаат и неколку работи кои ги привлекуваат децата. За гужвите придонесуваат и картичките за бодови кои трговците агресивно ги нудат. Овозможуваат незначителна заштеда, а главна цел им е да соберат податоци. Секогаш кога ќе ја повлечете таа картичка, податоците за вашето купување се чуваат во компјутерска база. Анализирајќи ги тие информации, трговците можат да дознаат кои начини на привлекување на купувачите се најефектни – рекламите, попустите или праќањето на каталози на домашна адреса.

Темно како во коцкарница

Не е случајно ни тоа што во големите трговски центри нема прозорци. Така купувачите забораваат кое време е од денот и колку долго се задржале во лавиринтите меѓу полиците. Тој трик трговците го презеле од сопствениците на коцкарниците, а во меѓувреме го надополниле со новини. Трговците купувачите целно ги успоруваат со разни презентации и долги непрегледни редици со полици.

Внимавај, на крајот од редот не е се намалено и поволно

Производителите на намирници на супермаркетите им плаќаат големи пари нивните производи да ги ставаат на добри места. Тој тренд потекнува од Америка, каде продавниците денес заработуваат повеќе од продажба на просторот отколку на производите. Најбарани места се тие на крајот од редот, бидејќи најлесно се забележуваат. Сметајќи дека на тие места понекогаш се огласуваат и распродажби, купувачите се збунети па мислат дека цела стока на крајот од редот е евтина, иако тоа најчесто не е така.

Родителите се слаби на децата и трговците тоа го знаат

Ликови од цртани, шарени долги ѕвездички се употребуваат за некој производ полесно да се рекламира на децата. Кај така спакуваните намирници повеќе се вложува во изгледот отколку во квалитетот. Производите наменети за деца најчесто се сместуваат на пониски полици, во висина на детските очи, или во близина на касите, па родителите потешко можат да одолеат на детското молење додека се зафатени со ставање на намирниците на лентата.

Најскапите производи се наоѓаат токму пред носот

Еден од најстарите трикови е сместување на најскапата стока во висина на очите. Многу купувачи немаат доволно време да ги разгледуваат сите полици па прво ќе се послужат со она што им е пред носот. Евтината и намалена стока најчесто е скриена на најниските или највисоките полици каде потешко се забележува.

Акциите тераат на трошење

Убавите работи ги привлекуваат луѓето, а трговците тоа го знаат. Затоа зеленчукот редовно го прскаат со вода да изгледа поубаво и поздраво иако тоа го забрзува нивното скапување.

Светликавите интериери се карактеристични за продавници со луксузна стока, а производите кои се спакувани во светликава амбалажа често се поскапи од останатите. Скапите работи често се сместени во стаклени рафтови, со многу простор околу нив, така што изгледаат како да вредат многу повеќе од што навистина вредат. Трговците уште поскапо ја наплатуваат желбата за заштеда на време – мешавина од сечен зеленчук така можете да ја платите пет пати повеќе од цели парчиња. Освен тоа, додека стои исечено, зеленчукот и овошјето ги губат хранливите состојки. Ни месото во маринада подготвено за скара не е многу подобро. Често е полно со штетни адитиви и засилувачи на вкусот кои го прикриваат недостигот на свежина, а поскапо е од обичното месо за пет до десет отсто. Сепак, најмногу ќе потрошите ако реагирате на рекламите за акции, евтино, и уште малку па ќе нема. Луѓето тогаш мислат дека со купувањето заштедиле, а не дека ги потрошиле парите.

Мирисот на свеж леб е само уште една реклама

Се повеќе продавници имаат внатре пекари. Но, тоа е за да можат на купувачите да им понудат најсвежа стока. Луѓето купуваат повеќе додека го чувствуваат мирисот на леб кој се пече, покажале истражувањата. Поради тоа таквите пекари најчесто се сместени на почетокот на продавницата за да ги фати купувачите потрошувачка грозница. На тој трик најчувствителни се тие кои купуваат гладни.

Барајќи млеко ќе купите уште нешто

Млекото е најпродаван производ во супермаркетите, а токму затоа најчесто се наоѓа забутано во некој агол на крајот од супермаркетот. Ако сте дошле само по млеко, на трговците им е во интерес да одите покрај шарените артикли и барем уште еден да ставите во корпата. Скриени се и други често продавани производи како јајца или путер.

Мажите полесно се збунуваат

Многу мажи мразат шопинг. Можеби затоа што потсвесно знаат дека ќе бидат изиграни. Бидејќи нивниот мозок работи поинаку, полесно можат да се збунат од многу детали, стари и нови цени, натписи... Соочени со преголем избор, ќе го купат првото што ќе им падне под рака, па макар и да не им треба.

10 правила за заштеда

Во продавница не носете картички, ни голем износ на пари. Однапред определете колку имате намера да потрошите и држете се до тоа.

Направете попис на намирници кои ви требаат и строго придржувајте се. Откако некој производ од пописот ќе го ставите во корпа, прецртајте го за да не го купите два пати истиот.

Во шопинг не одете гладни бидејќи во корпата ќе наставате многу непотребни намирници и нездрави грицки.

Пред одење во шопинг проучете ги рекламите на продавниците кои планирате да ги посетите, па информирајте се за акции или намалувања.

Обидете се однапред да пресметате колку одоколу можат да ве чинат намирниците од пописот.

Гледајте ги само цените и големината на производот, т.е. пакувањето, се друго е маркетинг. Уште поедноставно е да ги споредите цените по единица мерка кои се напишани со мали букви.

Прво погледнете го најгорниот ред на секоја полица бидејќи често таму се наоѓаат најповолните понуди.

Проверете го рокот на траење на намирниците, посебно ако тие се на намаление. Голем дел од прехранбените производи често се фрла, бидејќи забораваме на нив или нема да стигнеме да ги потрошиме, па се расипуваат.

Ако не сте сосема сигурни дека нешто е поволно, немојте да го купувате само затоа што ви се чини дека е така. Веројатно се работи за трик.

Имате право да се предомислите. Ако нешто сте ставиле во корпата не значи дека мора да го купите. Секогаш постои можност во другиот ред да наидете на производ по многу поповолна цена.

текстот е преземен од 24 сата - Загреб

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »